Карпал тунел синдромот претставува често заболување кое предизвикува болка, здрвување и боцкање во шаката. Состојбата настанува кога еден од главните нерви во шаката- таканаречениот медијанус, е стиснат односно компримиран на неговиот пат низ рачниот зглоб.
Карпалниот тунел е тесен канал во рачниот зглоб.Дното и страните на каналот се формирани од малите коски на рачниот зглоб нарчени карпални коски, додека неговиот покрив се состои од цврста трака од сврзно ткиво наречена трансверзален лигамент. Низ каналот поминуваат флексорните тетиви на шаката и нервот медијанус, истиот е многу врст и ригиден. Нервот медијанус е одговорен за сензибилитетот на палецот, показалецот, третиот и половина од четвртиот прст, како и за моториката на мускулите на базата на палецот.
При карпал тунел синдромот нервот медијанус трпи притисок кој создава болка, трнење, боцкање и слабост на шаката, до степен да на пациентот му се случува да почне да испушта предмети од раката. Со тек на време се развива и хипотрофија на мускулатурата на дланката во предел на базата на палецот (т.н. тенарна мускулатура). Ризик фактори се наследност, повторувачки движења на шаката и рачниот зглоб, преоптеретеност на шаката, бременост, некои системски заболувања како дијабет, реуматодиен артрит и дизбаланс на тироидната жлезда. Симптомите на карпал тунел синдромот се зголемуваат со текот на времето и можат да доведат до оштетување на самиот нерв.
Карпал тунел синдромот се дијагностицира со физчки преглед на пациентот со различни специфични тестови на преглед, а понатака се користат и дијагностички процедури како ултрасонографија, ЕМГ (електромиелографија), рентген и магнетна резонанца.
Третманот на карпал тунел синдромот на почетокот се состои во имобилизација на зглобот со носење на различни ортози кои ги спречуват движењата во рачниот зглоб и примање на лекови од групата на антиинфламаторни нетстероидни лекови., како и во промена на дневните и професионалните активности кои го предизвикуваат притисокот на нервот во карпалниот тунел.Исто така се користат и процедури од физикална терапија. Карпал тунел синдромот се третира и со локална апликација на кортикостероидни инекции кои делуваат антиинфламаторно, но најчесто нивното дејство не е на долг рок.
Доколку конзервативниот третман не успее да ги смири симптомите на карпал тунел синдромот се примнува хируршки третман. Хируршкиот третман спаѓа во групата на еднодневна хирургија и се изведува вообичаено со локална анестезија со поставување на манжетна (турнике) на раката за да се работи во бескрвно поле. Се прави малечок рез од внатрешната страна на рачниот зглоб (коренот на дланката) и се визуелизира трансверзалниот лигамент кој го покрива карпалниот тунел. Трансверзалниот лигамент потоа се пресекува при што доаѓа до проширување на карпалниот тунел и декомпресија на нервот медијанус. Хируршкиот рез потоа се зашива и се прави копмресивна преврска на шаката.По 10 -15 дена се отстрануваат конците од раната.Трансверзалниот лигамент со текот на времето ќе зарасне но ќе има повеќе место во карпалниот тунел и нервот нема да страда. Во постоперативниот период во тек на неколку недели до месеци се враќа комплетната функција и движења на шаката и рачниот зглоб.