Ортопедија

Procedures:

Што претставува ендопротетската замена на зглобот?

Ендопротетската замена на зглобот и вградување на вештачки зглоб (колено, колк)
претставува хируршка процедура со којашто се обновува функцијата на веќе оштетениот зглоб, а со тоа и намалување на болката предизвикана од оштетениот зглоб. Операцијата подразбира замена на оштетениот зглоб со вештачки зглоб-ендопротеза.

Поради што настанува оштетување на зглобот?

Оштетувањето на зглобот може да настане како последица од повреда, воспалување или пак како последица на стареењето, односно, дегенеративно оштетување.

Каква може да биде замената на зглобот (ендопротеза)?

Ендопротезата на зглобот може да биде тотална (доколку целосно се менува зглобот), и делумна (доколку се менува само едно зглобно тело). Материјалите од коишто се изработува ендопротезата можат да бидат од метали како што се челик и титаниум, керамика или од пластична маса.

Во кои случаи се препорачува замена (ендопротеза) на зглобот?

Најчеста причина за замена на зглобот е отстранување на болката којашто се јавува како последица од оштетувањето на зглобот. Пациентите коишто се потенцијални кандидати за оваа интервенција, имаат болки при одење, потешкотии при искачување на скали, седнување или станување. Кај некои пациенти може да се јави болка и при мирување.

Како се изведува операцијата?

Операција се извршува во болница или во амбулантно-хируршки центар и трае неколку часа. За време на операцијата, хирургот прави неколку резови во должина од зависност од зглобот којшто се оперира. Се отстрануваат оштетените делови од зглобот. Откако адекватниот дел е подготвен, се пристапува кон вградување на вештачкиот зглоб. Пред завршувањето на оперативниот зафат, хирургот прави проверка на ротирањето на зглобот.

Што по операцијата?

Пост оперативно, следува фазата на рехабилитирање кое е различно за секој пациент, кое се состои од одредени вежби за враќање на мускулната сила и повторно враќање на вашата кондиција.

Што претставува артроскопијата?

Артроскопијата е ендоскопска метода која со помош на камера и видеотехника овозможува визуелизирање, снимање и документирање на интервенцијата.

Како се изведува?

Артроскопијата претставува директна дијагностика и оперативен метод при којшто со неколку минимални резови се влегува во зглобот и со тоа прецизно се прегледуваат структурите во внатрешноста на зглобот, или се врши операција без да се отвора зглобот.

Кога се применува?

Се применува со цел да се дијагностицираат и третираат следниве проблеми:
– Лезија на менискуси
– Руптура на вкрстени и странични лигаменти.
– Хидромалација на зглобни ‘рскавици и коскени фрагменти
– Оштетена зглобна р’скавица
– Воспаление на синовијалната мембрана
– Нестабилност на пателата(чашка) и др.

По што се разликува оваа интервенција од останатите?

За разлика од класичната операција на зглобовите, артроскопската интервенција е минимално инванзивна, значително намалувајќи ги оштетувањата на околните ткива за разлика од класичниот оперативен третман, а инструментите се внесуваат со 2-3 убода, па поради ова ја нарекуваат и минимално инванзивна интервенција.

Колку трае престојот во болница?

Престојот во болница е од 1-3 дена.