Неврологија

Услуги

EMNG- Електромионеврогафија е дијагнстичка метода за иследување на заболувања на периферните нерви и болести на скелетните мускули. Методата е релативно неинвазивна. Се изведува без претходно посебна подготовка на пациентот.

Методата се изведува во две фази. Пациентот лежи или седи во добро осветлена и затоплена просторија. Во првата фаза, се испитуваат периферните нерви, најчесто на рацете и нозете. Егзаминаторот, со помош на посебен стимулатор, врши возбудување на периферните нерви, во точно одредени точки на стимулација по должина на периферниот нерв. Во текот на оваа фаза од иследувањето, пациентот може да почувствува благо чувство на пецкање, на местата каде се аплицира електричниот стимулус, кој трае неколку милисекунди.

Втората фаза е позната како иглена миографија. Во оваа фаза се иследуваат скелетните мускули, инервирани од соодветни периферни нерви. Се изведува со помош на тенка, специјално дизајнирана игла за таа намена, со помош на која се врши инсерција во една или повеќе точки во мускулот. Во текот на инсерцијата на иглестата електрода во мускулот, пациентот може да почувствува многу слаба болка и дискомфорт на местото на инсерција.

Методата трае од 15 минути до еден час, во зависност од тоа колку мускули и нерви се иследуваат. Не постои ризик од крварење. Контраиндикации за изведување на методата се варикозни вени на нозете, актуелни инфекции и рани на кожата на рацете и нозете и пациенти поставени на орална антикоагулантна терапија.

EEG- Електроенцефалографија е неинвазивна дијагностичка метода, која служи за регистрирање на кортикалната мозочна активност. Претставува функционална метода, која дава увид во мозочната активност во моментот на снимањето. Претставува неприкосновена дијагностичка метода во дијагностицирање на епилепсиите. Методата се изведува во тивка, изолирана, затемнета просторија. Пациентот лежи или најчесто седи, сместен во удобно столче.

Изведувањето на методата се состои во поставување на површински електроди на скалпот т.е површината на главата, после што на пациентот му се наложува да се релаксира. Во текот на снимањето, во неколку наврати од пациентот се бара најизменично да ги отовора и затвора очите а потоа и неколу пати да дише длабоко. Нативната електроенцефалографија не трае подолго од 25- 30 минути.

Доколку се работи за ЕЕГ- иследување после непроспиена ноќ, од пациентот се бара да заспие во текот на снимањето, со цел да се провоцира добивање на електроенцефалографски абнормалности, кои почесто се јавуваат за време на сон. Методата е безбедна, не предизвикува никакви несакани ефекти, не бара посебна подготовка на пациентот. Единствена релативна контраиндикација се пациенти со тешки кардиораспираторни заболувања и зголемен интракранијален притисок, кои може да бидат влошени во текот на форсираната хипервентилација.